АГЕНЦИЈА ЗА ХРАНА: Не сме изеле ниту грам ГМО-храна до сега – а од септември ??


Македонските граѓани досега немаат изедено ниту еден грам ГМО-храна иако нејзината продажба во земјава е дозволена уште од 2008 години, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Според нивните податоци, с` уште ниту една фирма не побарала посебна дозвола од нив за увоз на ваква храна наменета за луѓе, која според важечките прописи треба да биде соодветно обележана дека содржи генски модифицирани организми (ГМО).

tomato gmoВо Агенцијата за храна велат дека подготвуваат измена на досегашниот правилник за увоз на ГМО-храна за човечка исхрана со цел да се обезбеди повисоко ниво на заштита на здравјето на луѓето, на интересите на потрошувачите и на животната средина.

– Во правилникот се утврдени постапки за контролирање генски модифицирана храна, односно се определуваат строги правила за означување за потрошувачот да биде добро информиран и да има можност сам да избере дали ќе ја консумира оваа храна. Истовремено, се утврдуваат и правила за следење на овие производи за да се олесни набљудувањето на овие производи и нивното влијание врз здравјето на луѓето и врз животната средина – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата.

Секој оператор со храна, кој првпат сака да стави во промет ваква храна на пазарот во земјава, треба да поднесе барање за одобрение до Агенцијата. Во постапката за издавање на одобрението се врши преглед на приложената документација и меѓу другото се проверува дали производот е внесен во Регистарот на одобрени производи на земјата-извозник и во Регистарот на одобрени ГМО-производи на Европската комисија.

Екологистите остануваат цврсто на ставот дека ГМО-храната не треба да се увезува бидејќи е опасна и штетно влијае на човекот. Според нив, оваа храна е многу ризична и никој не знае како ќе се одрази нејзиното консумирање кај следните генерации.

– Kатегорично сме против генски модифицираната храна. Ризична е и не е докажано дали и како влијае на луѓето. Самиот факт дека во неа има мешани гени од растенија и животни е доволно опасен. Не треба да ја има ниту во сточната храна бидејќи индиректно доаѓа во исхраната на луѓето. Не е решение на секое пакување да се стави етикета дека има ГМО. Наместо нов правилник, ни треба кампања за органска храна, која треба да ја има по продавниците – вели Антонио Јовановски од еколошко здружение „ГОУ Грин“.

Потенцијално загадени производи

На македонскиот пазар се продаваат голем број производи што можеби содржат ГМО. Познавачите како такви ги посочуваат сојата и производите од соја, житарките, производите од пченка, пченкарно брашно, оризот, доматите, компирот и месото што се увезува од земји каде што е дозволена употреба на ГМО-семиња. Така, ако животното е хрането со ГМО-пченка или соја, значи дека месото, путерот или сирењето добиени од него може да содржи генски модифицирани организми. Оттаму не е исклучено таква храна да се протне на полиците на домашните продавници.

Пред неколку месеци во Хрватска беше актуелен случајот на увоз на три прехранбени производи увезени од три различни производители од ЕУ во кои беше пронајден генски модифициран ориз.

Дневник

Остави коментар