Ако јадете ГМО храна – може да ни го избрише и генетичкиот код


ГМО е под строг мониторинг во ЕУ, но сепак успева да пробие на пазарот на многу земји, меѓу кои и во Македонија. Ефектите кај луѓето може да бидат алергии, отпорност кон антибиотици, нарушување на ДНК. Според Миладин Шеварлиќ, професор од Белград, веќе во втората генерација кај експерименталните животни се јавуваат проблеми во работата на органите. Во третата генерација доаѓа до појава на тумори, додека во четвртата се јавуваат зголемена смртност и бесплодност, пишува „Нова Македонија“.

GMo-corn-potato-tomatoЗаговор против човештвото, изигрување господ, масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на еко-системот, зголемена смртност на идните генерации. Ова се само дел од претпоставките и контроверзиите што ги очекуваат граѓаните од користење генетички модифицирана храна (ГМО).
Стравувањата особено пораснаа по најавите дека од октомври животните во државава може да се хранат со генетички модифицирана храна, за што веќе е донесен и нов правилник.

Во него се вели дека храната наменета за животни што содржи ГМО не треба да има негативни влијанија врз здравјето на луѓето, треба да е правилно декларирана, а увозникот или производителот мора да има посебно одобрение од Агенцијата за храна што важи десет години од денот на донесувањето. Фирмата што увезува или преработува ваква храна мора веднаш да ја извести агенцијата ако за одредена храна што се користи кај нас, а е генетички модифицирана, има забрани или ограничувања во ЕУ.

Промена на ДНК

GMO-Orange_FeaturedЕкспертите, пак, се поделени за опасностите од ГМО, иако повеќето се согласуваат дека нема доволно научни сознанија за ефектите од користење на ваквата храна и многу е краток периодот од само петнаесетина години за прецизно да се утврдат последиците од нејзината примена.

– Проблемот е што доаѓа до вкрстување гени од еден вид со гени од растенија и животни од друг вид, а можеби во иднина и со гени од човекот. Во природата такво нешто никогаш не се случува и не знаеме каде може да води сето тоа – велат експертите.

Според проф. д-р Никола Јордановски, чија специјалност е токму исхраната на домашни животни, за луѓето има опасности од користење ГМО, особено за осетливите категории граѓани.

– Има опасност бидејќи се нарушува целокупниот метаболички систем и доаѓа до промена на ДНК-системот кај луѓето. Особено е ризично за помладите и за трудниците, кои може да родат кретени, и затоа е подобро доколку таква храна не се користи – нагласува Јордановски.

Резултатите од француски истражувања во кои глувци биле хранети со генетички модифицирана храна покажувале дека тие многу брзо се разболувале и имале големи здравствени проблеми. Но што всушност претставува ГМО и како се одразува врз луѓето?

Генетички модифицирани организми (ГМО) се сите живи организми што, освен вродената, содржат и ДНК што има потекло од друг организам, што резултира со нови или променети својства кај нив.

Генетичката трансформација се смета за успешна кога има стабилна интеграција на вметнатиот ген од туѓ организам во организмот-домаќин. Таа би требало да се пренесува во наредните генерации, каде што повторно би се јавила експресијата на новиот ген. Ова се прави заради подобрување на својствата на растенијата, односно отпорност кон одредени видови штетници како што се разни видови инсекти, вируси, габи и нематоди.

Катастрофа по 75 години

Сѐ до раните деведесетти години од минатиот век при трансформациите главно се користеле бактериски вектори со кои гените од различни организми се внесуваат во растителниот геном. Потоа следуваше период на директна трансформација, која вклучува користење микропроектили.

Во поново време, поради својата голема инфективност, вирусите имаат голема предност кога се користат како вектори.

Доматот FlavrSavr е првиот генетички модифициран производ дозволен за консумирање од страна на човекот, но многу брзо по неговото пуштање на пазарот беше повлечен поради послабиот квалитет во однос на конвенционалниот домат. Но токму ваквиот брз развој на генетичко инженерство беше причина Европската Унија во периодот од 1999 до август 2003 година да ги засили барањата што дотогаш беа потребни за одобрувања на нови ГМО и едноставно престана со разгледување на дотогаш пристигнатите апликации, што претставуваше еден вид мораториум за ГМО. Кај луѓето ефектите од внесување ГМО може да бидат појава на алергии, отпорност кон антибиотици, нарушување на ДНК-системот.

Според Миладин Шеварлиќ, професор од Белград, во првата генерација нема никакви видливи проблеми, но веќе во втората генерација кај експерименталните животни се јавуваат проблеми во работата на органите. Во третата генерација доаѓа до појава на тумори, додека во четвртата генерација се јавуваат зголемена смртност и бесплодност.

– Ако овие сознанија се проектираат врз луѓето, тоа би значело дека оваа генерација што сега јаде генетички модифицирана храна, без оглед дали знае за тоа или не, по 75 години би имала катастрофални последици – вели Шеварлиќ.

Коментарите на граѓаните се дека со влезот на ГМО се губи не само одржливоста и самостојноста на земјоделското производство туку тоа претставува и опасност и врз опстанокот на нацијата, бидејќи доаѓа до промена на генетичката структура на луѓето.

Откриено ГМО и во Македонија

Потенцијалната опасност за животната средина се огледа во неконтролираното расејување на генетички модифицираниот материјал, што би можело да доведе до уништување на конвенционалните земјоделски култури.

Во меѓувреме дознаваме дека во Македонија и досега било откриено присуство на ГМО во увезена храна од ЕУ.

– Од испитувањата што ги направивме на Факултетот со студентите на студиската програма „Квалитет и безбедност на храната во нашата земја“ со квалитативна анализа откривме присуство на ГМО кај добиточна храна што е увезена од земја-членка на ЕУ. Надлежните институции, особено инспекциските тела, треба постојано да спроведуваат надзор и мониторинг на храната што се увезува или се произведува во нашата држава. Примероците треба да бидат анализирани во референтна лабораторија, а анализите треба да бидат сеопфатни за подобрување на безбедноста на храната и добиточната храна, а истовремено и за заштита на потрошувачите. На Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје постои овластена лабораторија за ГМО во која може да бидат направени квалитативна и квантитативна анализа на примероците од храна и храна за животни – вели Силвана Манасиевска Симиќ, професорка на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Како што вели таа, правилникот што е донесен од страна на Агенцијата за храна е во согласност со европската регулатива, како и со Законот за безбедност на храната за животни и Законот за генетички модифицирани организми.

– Со законските одредби јасно се дефинирани условите за промет и употреба на храна од ГМО. За разлика од голем број држави во светот, каде што употребата на ГМО е неограничена, во Европската Унија постои листа на дозволени и недозволени ГМО во храната и други производи. Според тоа, со сеопфатна анализа и постојан инспекциски надзор влезот на недозволени ГМО-производи треба да се санкционира. Сите производи што содржат ГМО треба да бидат јасно означени на декларацијата, со што потрошувачите и фармерите ќе бидат информирани и сами одлучуваат за употребата на храна од ГМО – нагласува Симиќ.

Големите маркети во Европа бегаат од ваквата храна

Што се однесува до присуството на ГМО во светот, таа вели дека голем број држави имаат неограничено производство и употреба на ГМО и никаква законска обврска за обележување на храната со такво потекло, додека Европската Унија има јасна законска обврска за означување на храната и производите од ГМО и мониторинг на дозволените и недозволените ГМО-производи.

– Единствен начин на заштита и зголемување на безбедноста на потрошувачите е континуиран инспекциски надзор, детекција и забрана на недозволените ГМО и означување на храната од ГМО-потекло, со што потрошувачите и фармерите ќе имаат избор при употребата на овие производи – вели Симиќ.

Од друга страна, големите и познати синџири маркети низ Европа избегнуваат да продаваат храна што содржи ГМО во своите продавници од едноставна причина да не ги плашат своите потрошувачи, а со тоа и да ги загубат.

Според експертите, во Македонија веќе има ГМО, но проблем е што никој не знае за тоа. Како недостаток се посочува и немањето соодветна опрема за да може да се анализира дали и колку еден производ содржи ГМО. Од земјите во соседството, Бугарија донесе закон што дозволува одгледување ГМО, но под притисок на јавноста се откажа од него. Во Унгарија нема такво нешто, а во Хрватска е забрането. Во Романија има неколку илјади хектари со ГМО-култури.

Остави коментар