Документарецот што само ја замрси дебатата околу ГМО


Двајца тешкаши на тема храна, не како готвачи, туку од научна перспектива, се главните ликови во документарецот Еволуција на храна, ретко отворен про-ГМО документарец што користи наука за побивање на митовите околу штетноста на ГМО.

Едниот е Мајкл Полан, автор на бестселерот Одбрана на храната и професор по новинарство на Беркли. Втората е Марион Нестле, авторка на бестселерот Што да јадам и професорка по исхрана и студии за храна на Универзитетот на Њујорк.

Делот со “замрсувањето” следува откако на неколку дена пред премиерата на филмот и Полан и Нестле се дистанцираа од документарецот генерално нарекувајќи го “ГМО пропаганда”.

Клучно околу нивниот бунт е тоа што забелешката на двајцата не е околу безбедноста на ГМО храната, туку дека документарецот ги пренесува нивните изјави вон контекст, односно ја заматува нивната критика на теми како отпорност на хербициди, безбедност на пестицидите, и моќта на корпорациите масовно да ги произведуваат.

Она што во целата работа не е спорно ниту за Полан, ниту за Нестле е “научното тврдење на филмот, добро документираниот научен консензус дека ГМО храната е безбедна, што е поддржано не само од американската федерална агенција за храна и лекови, туку и од Светската здравствена организација, Американската медицинска асоцијација, и Националната академија на науки, инженерство и медицина”.

“А сепак, доказите никогаш не биле доволни за да ги одвратат анти-ГМО активистите кои инсистираат дека ГМО се опасни. Овие активисти тврдат, без апсолутно никакви докази, дека ГМО предизвикува алергии на храна, прекумерна тежина, рак и аутизам. Една од најгласните анти-ГМО активистки, Зен Ханикат, на кратко се појавува во документарецот и објаснува дека родителите можат да ги излечат здравствените проблеми на своите деца со префрлање на не-ГМО исхрана.

Благодарејќи на овие раширени митови, изградена е цела индустрија што се базира на научно безначајните ‘без ГМО’ етикети. Храната без ГМО, како и ‘проект верификувано без ГМО’ печатот што го гледаш на речиси секој производ во Хол фудс, се шири затоа што ги убедија луѓето да веруваат дека исхрана без ГМО е побезбедна и похранлива. Како што покажува филмов, ширењето страв околу ГМО има влијание и низ останатите земји во светот, па земји како Русија и Венецуела комплетно забранија ГМО. Па иако Полан и Нестле не сакаат да бидат сметани за про-ГМО, тие не ја отфрлаат нивната докажана безбедност.

Но сржта на нивната критика – дека филмот недоволно ги истражува проблемите што се вон темата безбедност на ГМО – исто така служи за истакнување на клучен сегмент од пообемната дебата: нема никаква смисла ГМО да се суди како монолитен ентитет.

ГМО не е состојка, и нивното демонизирање е закана за технологијата што е потребна за да се спасат некои од овие посеви, и луѓето кои ги одгледуваат. ГМО храната наместо тоа треба да биде судена на индивидуална база. ‘Раундап реди’ сојата, варијанта на соја произведена од Монсанто, не е иста работа како и отпорната на болести папаја, што ја спаси и оживеа мултимилионската папаја индустрија на Хаваи.

Нашиот земјоделски систем е далеку од совршен, и работи како пестициди и коров отпорен на хербициди се реален проблем. Нашиот систем за храна треба да биде испитуван во секоја ситуација. Меѓутоа она што овој документарец и последователната дебата покажуваат е дека дали нешто е ГМО не кажува ништо околу здравствениот ризик, влијанието на околината, или одговорноста на корпорациите кои се или не се зад него. Критиката на Полан и Нестле за филмот поставува прашања за валидни проблеми на системот за храна, меѓутоа отфрлањето на документарецот како пропаганда на индустријата е уште еден начин да се опседнуваш со трите застрашувачки букви,” пишува Џени Сплитер во Аутлајн.

Off.net.mk

 

Остави коментар