Кавадаречката ракија или тетовскиот грав ќе исчезнат при ГМО наездата?


Во Македонија недостасуваат капацитети и државна контрола за менаџирање на производството на генетски модифицираната храна и недостасува стратегија за да се направи одбранбен механизам кој ќе не заштити од лошите последици во производството на ГМО, рече министерот за животна средина, Стево Темелковски, на денашната конференција за одгледувањето или увезувањето на ГМО храна во Македонија, во организација на политичката партија Демократска обнова на Македонија.

184309-rakija-fonet-300x180Според одредени мислења, генетски модифицираната храна може да предизвика различни болести како тумор, рак, алергии, астма, отпорност на антибиотици, имунолошки проблеми и промена на ДНК низата што ќе се рефлектира и на следните генерации. Како потешки последици, на дебатата беа посочени и нарушувањата на еко системот така што некои сорти, специфични за поднебјето на кое се одгледуваат, ќе се заменат со ГМО семиња и ќе се изгубат. На тој начин во иднина ќе мораме да се збогуваме од кавадаречка ракија, тетовски грав или со струмичка пиперка, кои се специфични по својот вкус.

– ГМО е една од најголемите измами во прехраната денес, најголем криминал. Претставува опасност за генерациите денес, но и оние што ќе следат по нив. Ризик е и за микроорганизмите во почвата кои ги разјадуваат растенијата, нивниот генетски материјал ќе се смени јадејќи ги листовите и плодовите на ГМО семињата. Оттаму ќе се предизвика целосно нарушување на еко системот – смета Александар Димковски, новинар и противник на ГМО производството.

Според Панче Николов, претседател на невладината организација „Зелен институтот“, генетски модифицираните семиња се штетни за биодиверзитетот и затоа е потребно општините, секоја засебно, да го спречи ширењето и да забрани производство на оваа храна.

– Загрозеноста на пчелите како популација во Европа е една од опасностите која се заканува од ГМО производството. Има случај во кој во Германија добиле зелен мед со траги на ГМО во него. Потребно е информирање на јавноста, обединување на невладините организации и економски план на општините кои можат да го спречат ширењето на ГМО преку градење на локални капацитети за поддршка на земјоделскиот рурален развој – посочи Николов.

Во Европа 39 земји, додаде тој, се потписнички на декларацијата GMO free Europe и постојат многу општини кои се декларираат како ГМО слободни зони каде е забрането производство или внес на овие производи.

Но не сите се согласуваат со овие тврдења, па ставовите за штетноста на ГМО ги отфрлаат како паушални и неосновани. Според дискутантите кои учествуваа на дебатата, генетски модифицираните организми не се штетни и ги има во облеката која ја носиме. Беше речено дека во Европа постојат општини кои сè уште не го забраниле производството на оваа храна и тие се во поголем процент на мапата. Стравот, велат противниците, е пребрзан, а постојат големи придобивки кои можат да ги донесат овие семиња. Освен неколкукратно зголемување на посевите, со ГМО вклучувањето во генетската структура на плодовите возможно е тие да станат отпорни на суша и да ги преживеат временските неповолности.

Во Македонија шест општини се прогласени за ГМО слободна зона, Велес, Чашка, Охрид, Могила, Василево и Валандово. Ставовите на оваа тема и натаму се спротивставени, а едносложни се само во тврдењето дека потребни се повеќе анализи и научно докажани аргументи за да се извлече релавантна теорија за штетноста или позитивноста од одгледувањето на ГМО храна.

На површините низ Македонија сè уште не се одгледуваат овој вид на семиња, но од први октомври ќе се отворат границите за храната која ќе биде користена само за прехрана на добитокот.

Plus info.mk 

1 Comment

  1. Соња says:

    Неинформираноста околу ГМО, особено на обичниот народ, е најголемиот проблем кој го злоупотребуваат бизнисмените и политичарите во светот. Едните се многу напред со оваа технологија, а другите се назад, па за да се заштитат воведуваат забрани за ГМО. А при тоа сите употребуваат лекови кои се ГМ уште од 1980-те години без проблем. Кога оваа техника се замеша во храната настана хаос. Храната сама по себе е најголем бизнис. Зар мислите дека употребата на пестициди, различни додатоци, конзерванси, е помалку штетно?
    Не знам само од каде им е идејата на сите во МК дека овде ќе има навализа од ГМО па и дека веќе има? Ние воопшто не сме интересен пазар за големите компании за да се борат со сите законски пречки. А такви има, постои закон за ГМО, постои Лабораторија за утврдување на присуство на ГМО во производи одамна, сега се работи на уредување на одделни регулативи и правилници во законот итн. Ниту една општина во МК нема стандард како во Германија, ама затоа сите се трудат да бидат GMO-free! Е па ви посакувам да уживате во вашиот GMO-free скромен живот.

Остави коментар