Колку е присутна ГМО храната во нашето секојдневие – на удар децата и бебињата


Јадеме „корн флекс” за појадок мислејќи дека јадеме здрава храна, а всушност има реални шанси да внесуваме ГМО пченката која како култура е најизложена на генетски инженеринг.

Со оглед на тоа голема е веројатноста за присуство на ГМО во преработките од пченка, пченкарно прашно, палента, смоки, колачи, пецива… За жал на удар се децата и посебно бебињата преку присуството на ГМО во адаптираното млеко.

Се верува дека 78 отсто од сојата, 33 отсто од пченката, 64 отсто од памукот и 24 отсто од маслиновата репка, во светот се генетски модифицирани. Покрај овие намирници, некои произведувачи додаваат гени и во месните преработки, млечните производи, полуподготвени и готови јадења, мешавина на брашна, инстант оброци, слатки напитоци, сирупи…

Засега научно е докажано само дека ГМО храната може да придзивика алергиски реакции. На пример, ако сте алергични на кикирики, а вашата ГМО храна во себе носи гени од оваа растение, доаѓа до реакција во телото.

Повеќето европски земји ја забранија ГМО храната со цел да го заштитат своето население од нејзините штетни последици, но сепак има уште држави како на пример Шпанија во кои е дозволена ГМО храната. На листата на ГМО храна што ја објави Грин пис за Канада се најдоа и производи на многу славни компании како Кока-кола и Нестле.

Во Македонија веќе има неколку општини како Могила, Велес, Охрид и Чашка, Валандово и Василево кои веќе се прогласени како ГМО слободни зони, што значи области каде што земјоделците не одгледуваат ГМО култури ниту пак го хранат добитокот со ГМО храна. Низ Европа има 174 вакви региони, преку 45.000 општини и независни земјоделски стопанства кои се декларирани како ГМО слободни зони.

Иако науката се уште не докажала ништо конкретно, за многумина самиот збор генетски модифицирана храна влева страв. ГМО претставуваат генетски модифицирани организми (растенија, животни, микроорганизми), кои имаат трансплантирани гени од други организми. ГМО храната е отпорна на штетници, хербициди, вируси и обично има поубав вкус и расте побрзо во однос на органските производи.

ГМО се организми кај кои генетскиот материјал е изменет со современи техники на генетски инженеринг, односно гени од еден организам се вметнати во друг организам. На пример, златниот ориз е создаден со вметнување на два гени од друго растение и бактерија, со цел оризот да синтетизира витамин А. Овој пример претставува добар пример за ГМО, бидејќи поради недостаток на витамин А во светот посебно во Азија во 2005 година починале повеќе од два милиони луѓе, а околу 500.000 луѓе ослепеле. Меѓутоа, постојат и лоши примери, како ГМО сојата која е создадена со вметнување на ген од бактерија кој и дава отпорност на сојата кон хербицидот така што после прскање со хербицидот сите плевели ќе угинат, а сојата која е отпорна нема, со што се добива максимален принос. Проблемот е во тоа што постојат индикации дека хербицидот има токсичен ефект, го намалува бројот на добрите бактерии во човековиот организам со што се намалува имунитетот.

Хибридните семиња се добиваат без генетски инженеринг, а вклучуваат традиционални методи на селекција, со вкрстување на различни сорти со цел да се добие сорта која ќе ги има позитивните особини на двете вкрстени сорти. Негативната страна на хибридните семиња е тоа што во втората генерација приносот ќе биде многу понеповолен од првата, поради раздвојувањето на својствата.

Според информациите достапни на интернет најодгледувани ГМО култури се сојата, пченката, памукот, канолата и оризот. Најголеми производители на ГМО култури се САД, Аргентина, Бразил, Канада, Кина, Парагвај и Индија.
Македонија како држава треба да ги заштити автохтоните сорти со генотипизација и патентирање, бидејќи со увоз на различни семиња постои ризик македонските автохтони сорти да исчезнат во иднина или пак ќе треба македонските земјоделци да плаќаат поскапо семе, доколку некоја друга држава, фирма или селекционер претходно ги патентира.

Органските производи посебно се назначени со ознаката 100% органско. Само тие гарантираат дека во производот нема ни трага од генетски модифицирани соединенија.

Доколку пак, на декларацијата на производот пишува ГМО-фрее, Нон-ГМО или направено без генетски модифицирани соединенија, треба да внимаваме бидејќи овие производи всушност може да содржат ГМО, но не повеќе од 0,9 отсто.
ГМО храната изгледа совршено. Има правилна форма, сите овошја и зеленчуци се со иста големина, а рокот на траење е значајно подолг во однос на другата храна, затоа што им се додадени гени кои пружаат отпорност на негативните надворешни влијанија. На пример, генот бацила, кој се додава во ГМО храната произведува токсин кој ги одбива штетниците. Затоа, во овошјето во кое има инсекти нема ГМО и е од органско потекло.

Остави коментар