Колку Македонија е отпорна на ГМО?


Во октомври минатата година со  Законот за безбедност на храна се забрани увоз, производство и пуштање во промет генетски модифицирана храна додека Македонија не стане членка на Европската унија. Забраната уследи по бурните реакции на јавноста откако Агенцијата за храна и ветеринарство подготви 

Правилник со кој се дозволуваше животните во државава да може да се хранат со генски модифицирана храна. По барање на Владата, Правилникот беше повлечен, а новите правилници беа усогласени со измените на Законот со кој се забрани ГМО.

Но, дали со законската забрана може да се говори дека во Македонија нема ГМО и што преземаа надлежните за да го спроведат Законот на терен?

gmo-gemetski-modifikovana-hrana-genetski-modifikovani-orranizmi-1352501514-228374Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека вршат строга контрола на терен, а нејзините инспекциски служби досега не евидентирале неовластено пуштање во промет на храна или храна за животни која содржи ГМО.

– Од почетокот на годинава досега, спречен е увоз на 5 тони млеко во прав  наменето за исхрана на животни, за кое по извршените контроли е утврдено дека содржи ГМО. Млекото е уништено. Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на својот делокруг на работа ги презема сите стандардни механизми за контрола на безбедноста на храната и храната за животни, како што се спроведувањето на официјални контроли, контроли на прометот и увозот, велат од Агенцијата.

Неавторизирани ГМО  тешко се откриваат

Пред да биде донесена забраната за ГМО, стручњаците во лабораторијата за ГМО на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, предводени од професорот Зоран Поповски,  во примерок од сточна храна утврдиле присуство на генетски модифициран материјал. Но, дали по забраната на ГМО, се’ уште има примероци на сточна храна кои содржат ГМО, професорот Поповски вели дека не знае оти не се направени нови анализи.

– Не се направени нови анализи ниту на сточна храна ниту на примероци храна од малопродажбата. Сепак, станува збор за скапи анализи кои не сме во можност да ги вршиме за истржувачки цели. Ние како институција обезбедивме опрема во висина од над 300.000 евра исклучиво од меѓународни проекти, обезбедивме исклучително квалитетен кадар, кој делумно е ангажиран и во институциите на ЕУ за контрола на ГМО, го воспоставивме системот за контрола преку најсовремени техники, но не е наша работа и да го финансираме тој систем. Тоа, сепак, е работа на државата и нејзините органи задолжени за оваа област, вели професорот Поповски.

makedonija gmo111Тој информира дека државните органи најавиле дека ќе донесат годишен план за контрола на ГМО во храна, но до денес тоа не го сториле.  Според него, не може секој производ да се исконтролира дали содржи ГМО, но, како што вели, добро е да се има некаков државен план за скринирање кој би бил и своевидна бариера од нечесни намери за неконтролиран увоз на храна која содржи неавторизирани ГМО.

– Во оваа година се направени само неколку анализи за потребите на компании кои произведуваат или тргуваат со храна и во тие примероци не е откриено присуство на ГМО, вели Поповски.

Според професорот, до денес не е познат ниту еден случај за негативно влијание на ГМ храна врз човековото здравје иако ваквата храна е во употреба веќе 20-ина години.

– Опасноста доаѓа од неавторизирани ГМО кои не се тестирани за влијание врз здравјето на консументите и врз животната средина. За жал, тие неавторизирани ГМО и тешко се откриваат. Но, ако се следат сите информации кои се достапни преку Клириншката куќа за биосигурност (Biocafets Clearing House BCH), тогаш може да се застане на патот и на неавторизираните ГМО.  Инаку, јас лично кога би можел да избирам и да си дозволам користење исклучиво на органска храна, таа би била мојот избор. Но, процесот на глобализација и животниот стандард тоа не ми го дозволуваат. Така што и конзумирањето на ГМ храна за мене не претставува никаква опасност, особено ако се има предвид фактот што сум живеел и работел и во држави каде што ГМ храна не се обележува па еве уште сум жив и здрав, вели Поповски.

„Монсанто“ завладеа и со ЕУ

MonsantoИако професорот Поповски тврди дека не е познат случај за негативно влијание врз здравјето на луѓето, докторите во Аргентина се сомневаат дека зголемениот број болни од карцином и на деца кои се раѓаат со хендикеп се последица на производите на „Монсанто“. Според аргентинските лекари, случајот со двегодишната Камила Верон, која е родена со повеќе нарушувања на внатрешните органи и сериозен инвалидитет, е последица од дејствувањето на агрохемиските производи на „Монсанто“. Потоа, детето Аиша Кано со влакнести бенки по целото тело, чија болест лекарите не можат да ја дијагностицираат, но се согласни дека оваа мана би можела да биде последица од агрохемикалиите. За жртва на „Монсанто“ се смета и Фабиен Томази, кој работел на плантажите со ГМО.

Генетскиот инжењеринг на семиња на големата компанија  „Монсанто“ првпат е испробан во Аргентина пред 20 години. Аргентина денес се смета за најпогодено подрачје од ГМО.

А целата приказна за ГМО тргнува од САД кога во почетокот на 90-тите од минатиот век Белата куќа и’ одобрува генeтски инженеринг на храната на компанијата „Монсанто“.

g_gentomВсушност, се работи за мешање на растенија со  гени на животни (риби, бубашваби, гуштери, бактерии, жаби или луѓе) и притоа се пренесува карактеристиката на еден вид во друг кои не се во сродство. На пример, од рибата иверка, која живее на северот од Атлантскиот Океан, се изолирани гените што се одговорни за добро поднесување ниски температури и преку техниката на генетски инженеринг, овие „антифриз“ гени се вградени во доматот, со што се продолжува сезоната за одгледување. Значи, тоа не се хибриди што се добиваат со мешање на две растенија.

Стратегијата на контроверзна компанија „Монсанто“, во која акции има и основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, а се шпекулира дека е основана од семејството Рокфелер, се состои во контролирањето семиња насекаде на Земјината топка.

soyОна што загрижува е тоа дека Европа која беше најголемиот противник за ГМО храна, и 14 години се противеше на нејзин пазар да влезат семињата на „Монсанто“,  во јуни годинава дозволи нејзин влез. Европските земји, освен Белгија и Луксембург , постигнаа компромис со кој се овозможува одгледување на генетски модифицирани култури на своите територии, со можност државите кои не се согласуваат да го спречат тоа. Што е огромен успех за „Монсанто“. Откако ќе  добие дозвола од ЕУ, кој може да гарантира дека големата корпoрација по пат на лобирање и корупција нема да издејствуваат кај властите одгледување на нејзини семиња и во оние државите чии граѓани се големи противници на ГМО.

– Наивно е да се верува дека некоја eвропска држава која е поразвиена од Македонија би си дозволила таков ризик за своите граѓани со одобрување на производство, па макар и на ГМ храна која може да го загрози здравјето на нејзините граѓани.  Тој процес на авторизација во ЕУ е исклучително прецизен и не дозволува никакви импровизации со кои би се предизвикале последици во смисла на алергогеност, токсичност или канцерогеност на храната која е добиена по пат на генетска модификација. Впрочем, затоа е и формирана ЕНГЛ (European Network of GMO Lanoratories) – Европската мрежа на ГМО лаборатории кои во членките на ЕУ ги  има преку 120 и кои систематски ја следат состојбата со  ГМ храна, вели професорот Поповски.

Во Македонија нема регистриран увозник на ГМО семиња

Што се однесува до Македонија, кај нас законски не се забранети семиња кои содржат ГМО. Сепак, надлежните уверуваат дека, и покрај дозволата, не се увезуваат такви сорти.

no-gmo-600x450– Во Регистарот на увозници на семе и саден материјал не е регистриран ниту еден кој увезува ГМО семиња. Согласно законските прописи, кај нас може да се увезе ГМО семе само ако е регистриран увозникот. А, таков досега нема. Контролата е строга. Инспекторите на Државниот инспекторат за земјоделство контролираат на граница и секојдневно даваат податоци за регистрираните сорти. Ако некој сака да внесе сорта која ја нема во Регистарот, таквите семиња не се пуштаат да влезат во Македонија, вели Соња Трајкова, портпарол на Министерството за земјоделство.

Во Министерството сега засега не подготвуваат измени на Законот за семиња и саден материјал со кои и законски ќе се забрани ГМО. Велат дека такви измени ќе уследат ако се измени Законот за ГМО за што е одговорно Министерството за животна средина и просторно планирање. А, од надлeжното Mинистерство објаснуваат дека во нивна надлeжност е само ако генетски модифицираните организми влијаат негативно на животната околина.

Иако, ГМО храна постои веќе 20 години во светот, кај нас за неа се дозна пред околу две години. Тогаш граѓаните почнаа да се прашуваат со што се хранеле и дали во Македонија има таква храна и како се препознава.

domatСпоред стручните лица, ГМО храната се препознава по тоа што е убава на изглед, но без природниот мирис на производот. Убава, округла, посјајна, со изедначена големина, сјајна боја без модрици и оштетувања, без лузни и знаци на расипување, тоа се карактеристиките според кои можат да се водат купувачите доколку сакаат да избегнат купување на ГМО производи. Неправилно овошје и зеленчук со грд изглед, е поголема веројатноста да не е ГМО. Најчесто предмет на генетски модификации се соја, пченка, маслодајна репка, шеќерна репка, ориз и компир.

Со забраната за ГМО кај нас и контролата што се врши на терен може да се каже дека Македонија не спаѓа во државите кои се загрозени од таквите производи.

1 Comment

  1. farmacefta says:

    Ako vo Makedonija nemame GMO proizvodi,zashto dechinja mali se so Kancer,vleguvaat vo pubertet vejkem vo 8 ta godina,dijabetichari i so kakvine drugi oshtetuvanja.Moe vnuche od vnuka pochina na 4 godini a se macheshe kutroto 2godini.Portokalite da gi zemam za primer,koi na niv voopshto nemam videno oznaka PLU na koja treba da stoi shifra vo zavisnost od proizvodot,ako e GMO togash bi trebalo da pochnuva so 8 i da e petocifrena no nemame nikakvi oznaki,a imam nachekano vo Tinex vo Prilep banani bez nalepnica,koi za mene bez nalepnica se somnitelni.Bananite treba da go imaat brojot 4011 no ako se GMO togash 84011 i seto ona ovoshje koe e prekrasno za gledanje ,isto i zelenchukot.Vejkem site chokoladi i blagi raboti no i sladoledite se prepolni so Soja lecitin a znaeme deka Sojata e 93% GMO,zatoa ke si jademe domashno meseno,lokum i taan alva,drugoto seto e nechisto.Prifativme GMoO hrana a seushte nesme ni vo NATO ni EU.Primer Francija,iako e segde do den denes neprifatila GMO hrana ni uvoz ni proizvodstvo,potoa Ungarija pred nekolku godini izgore celi polinja so zito,zatoa shto bea GMO i mnogu drugi zapadni zemji no kaj nas samo drzat predavanja kako zdravo da se hranime no so GMO hrana koja ja vnesuvaat i proizveduvaat.Zoran Popovski ako nema nishto losho po zdravjeto negovo,neka pochne da si obrabotuva bavcha so GMO proizvodi i neka si se hrani so taa hrana no narodot na Makedonija neka ne ostavi zdravo da se hranime i ziveeme za da konechno ischeznat site bolesti od narodot.Drzat predavanja lujgevo od vlasta za zdravo da se hranime, no od druga strana ne poduvaat hranejkine so GMO hrana.

Остави коментар