Никој се уште поим нема дали јадеме ГМО-храна во Македонија


Не е направена ниту една лабораториска контрола

Инспекторите на Агенцијата за храна досега ниту еднаш лабораториски не провериле дали во храната на македонскиот пазар има генетички модифицирана храна или храна со генетички модифицирани организми (ГМО). Иако продажбата на дел од генетички модифицираната храна е дозволена уште од 2008 година, со одобрение на агенцијата, ниту една фирма не побарала дозвола за да се внесе на пазарот. Во исто време се шпекулира дека ГМО има во производи на нашиот пазар, а тоа не стои на декларациите. До толку повеќе што во земји во близината наводно на големо се произведува ваква храна или се користи во производството.

gmo domatНаучниците, како и експертите за храна, имаат поделени мислења за тоа дали е штетна употребата на ГМО. А потрошувачите имаат право да знаат што купуваат и сами да одлучат за изборот.

Дозволени се ГМО-пченка, ориз, компир и соја

Деновиве ќе биде објавен нов правилник за безбедност на ГМО, за кој од Агенцијата на храна тврдат дека е речиси истиот со досегашниот. ГМО се создава со вкрстување гени од еден вид со гени од растенија и животни од друг вид, а можеби во иднина и со гени од човекот. Во природата такво нешто никогаш не се случува, па затоа многумина сметаат дека не може да се претпостави каде може да води сето тоа.

– Досега немаме официјално барање за одобрување ГМО-производ во Македонија. Никој официјално не побарал увоз, или пуштање во промет на ГМО-производ или производ што содржи генетички модифицирани организми. Ако некој сака да увезе ГМО-храна, мора да помине низ процедура во нашата институција. Постапката е строга. Секој апликант, меѓу другото, мора да донесе анализи и научни сознанија од акредитирана лабораторија – објаснуваат од агенцијата.

Македонија ја следи европската легислатива и дозволени се продажба на пченка, соја, ориз, еден вид компир и маслодајна репка, со одобрување на агенцијата.

Испитувања од 1 јануари

GMO-Orange_FeaturedОттаму велат дека досега не се правени лабораториски контроли за тоа дали има ГМО во храната на пазарот, а лани немало сомнителни производи од увоз. Такви проверки се планираат за 2014 година, на околу 100 примероци храна избрана според методологија што вклучува компоненти како нејзина потрошувачка. Aко се утврди дека некој производител употребил ГМО, а тоа не го навел на декларација, се соочува со казна од 5.000 евра, велат во Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Сега сме во фаза на преговори со лабораторијата на Факултетот за земјоделски науки и храна за тоа кои се можностите за испитување, кои параметри и што да испитуваме. Таа работи со анализи од приватниот сектор. Меѓутоа ние добиваме информација доколку нешто не е во ред. Таква информација не сме добиле досега – вели Абдулезел Догани, заменик-директор на агенцијата.

ГМО во добиточната храна

Кај нас, на Факултетот за земјоделски науки и храна, пред извесно време е откриено дека има присуство на ГМО во добиточната храна, увезена од земја-членка на Европската Унија. Токму за ова зборуваше проф. д-р Силвана Манасиевска-Симиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна за „Нова Македонија“.
– Од испитувањата што ги правевме заедно со студентите на студиската програма „Квалитет и безбедност на храната во нашата земја“ откривме присуство на ГМО кај добиточната храна што е увезена од земја-членка на ЕУ. Институциите, особено инспекциските служби, треба постојано да прават мониторинг на храната што се увезува или се произведува во нашата држава.

bikПримероците треба да бидат анализирани во референтна лабораторија, а анализите треба да бидат сеопфатни за подобрување на безбедноста на храната и добиточната храна, заради заштита на потрошувачите. Кај нас веќе постои овластена лабораторија за ГМО во која може да бидат направени анализи на примероците од храна и храната за животни – рече Манасиевска-Симиќ за нашиот весник.Рак, стерилитет, еко-колапс?

Научниците имаат поделени мислења за тоа дали е штетна употребата на ГМО. Додека едните велат дека таа ќе го спаси светот од глад, други алармираат дека може нејзиното производство е заговор против човештвото, изигрување господ, ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на еко-системот, зголемена смртност на идните генерации. Повеќето се согласуваат дека нема доволно научни сознанија за ефектите од користење на ваквата храна и многу е краток периодот од само петнаесетина години за прецизно да се утврдат последиците од нејзината примена.
Државите одлучуваат каква политика ќе спроведат во однос на нејзината употреба.

gmo-mapa-makОд европските држави, Шпанија е најголем производител на генетички модифицирани посеви во Европа со 76.000 хектари на ГМО-пченка засадени во 2009 година (односно 20 отсто од вкупното производство на пченка во државата). Помали количества се произведени во Чешка, Словачка, Португалија, Романија и во Полска. Франција и Германија се најголемите противници на генетички модифицирана храна во Европа, иако Германија го одобрила компирот амфлора, кој е изменет и содржи повисоки нивоа на скроб за индустриски цели. Освен Германија и Франција, и други европски земји забраниле одгледување и продажба на ГМО, а тоа се: Австрија, Унгарија, Грција и Луксембург. Во Бугарија е исто така забрането одгледување генетички модифицирани организми во 2010 година.

Кога се обележува дека има ГМО во храната?

Производители на животинска храна што ги хранат животните со ГМО немаат обврска потоа тоа да го декларираат на производите од нив. Ако се користи ГМО во некој производ, производителот мора да означи дека во состојките има доколку е употребена во поголема количество од 0,9 отсто од вкупната маса на производот

Антонија Поповска-Христов / Наташа Бошковска-Златкова за Нова Македонија 

Остави коментар