Семиња на гладот


Вчера јадев пилешки копани. Добро се сеќавам што ручав бидејќи кога го видов огромното парче месо во чинијата си реков: ако е ова копанот, колкаво ли било целото пиле. Помнам, кога како дете пред триесетина години одев за летен распуст во село Модрич, баба ми Роксанда ни подготвуваше тава ориз со домашно пиле. Но, копаните на тие селски пилиња, кои колваа едри зрна жито, јадеа сочна трева, пиеja чиста вода од Модричка Река и по цел ден трчаа по селскиот двор, не беа ниту половина големи како тој во мојата чинија.

gmooooooo-630x472За жал, рафтовите во продавниците, а и тезгите на пазарите, с` повеќе се полни со месни производи и со овошје и зеленчук кое би гi изелe со очи, но ако ги гризнеш ќе се покаеш што си ги пробал. Станува збор за генски модифицирана храна, која се добива кога се мешаат гени на животни (бубашваби, риби, жаби, бактерии или луѓе) со растенија при што се пренесува карактеристика од еден на друг вид кои не се во сродство. Тоа не се хибриди што се добиваат со мешање на две растенија, туку, на пример, ген од поларна риба се вметнува во домати и јагоди за да не смрзнуваат. Така сега имаме јагоди големи како јаболка, јаболка со големина на диња, а дињите станаа мали како сливи.

Мултинационалните компании што се сопственици на патентите за генски модифицираната храна и големите прехранбени концерни постојано ги истакнуваат позитивните страни од воведувањето на ГМО: дека може да се произведе повеќе храна со што ќе се намали гладот низ светот и вториот аргумент дека со нив се намалува употребата на пестициди и хербициди зашто таа храна е отпорна на сите штетници и плевели и не ќе мора да се прска со отрови. Од друга страна с` посилни се предупредувањата дека ГМО храната може да предизвика штетно влијание врз здравјето на човекот, создава отпорност на антибиотска терапија, предизвикува алергии, а штетно влијае и врз почвата и врз биодиверзитетот.

Во трката за профит, големите светски прехранбените компании се водат од сознанието дека потрошувачите се повеќе заинтересирани за купување храна чиј изглед им кажува дека вреди да се изеде. Тоа е нормално бидејќи луѓето сакаат храна која е свежа, здрава, природна или на друг начин со повисок квалитет. Така, на пакувањата со густи сокови има слики на сочно овошје, а од кутиите со замрзната храна се смее брокула со сјајна зелена боја. Но, голем дел од храната што ни ја сервираат е направена од состојки со сомнителен квалитет и потекло. Се одгледуваат домати, краставици и друг зеленчук бидејќи се издржливи за транспорт и може да се чуваат во магацини и по неколку месеци, а не поради тоа што имаат одличен вкус. Месото е со вкус на картон затоа што животното било хрането со еднолична вештачка храна, тестенини полни со адитиви и други индустриски збогатувачи на вкусови.

Deklaracija02-500x304-300x182Во ова време на светска трка за обезбедување ресурси за преживување, енергија, вода и храна, еден од поинтересните проекти е инвестицијата на основачот на „Мајкрософт“, супербогатиот Бил Гејтс, познатата фондација „Рокфелер“, американските компании „Монсанто“ и „Дипонт/пионер хибрид“ и швајцарската „Сингента“, кои се сопственици на најголем број од патентите за генски модифицирани (ГМО) семиња и земјоделски хемикалии и се главни светски снабдувачи, во едно од најоддалечените точки на планетава, норвешкиот островски архипелаг Свалбард во Баренцовото Море на околу 1.100 километри од Северниот пол. Во цврстите карпи на островот Спитсберген е издлабена т.н. банка на семиња за судниот ден, а зад еден метар дебелите бетонски ѕидови засилени со челична арматура и вратите отпорни на најсилни експлозии се чуваат три милиони различни видови семиња од сите делови на светот. Според објаснувањето на норвешката влада, која исто така е вклучена во проектот, семиња се складирани за да се обезбеди разновидноста на посевите во иднина.

Секако дека заслужуваа внимание тоа што го поврзува едно вака импозантно друштво на луѓе и на компании кои се доволно моќни да влијаат не само врз земјоделскиот бизнис во светот, туку и врз животите на целокупното човештво. Што знаат тие повеќе од другите за иднината за да формираат ваква банка на семиња? Зошто таа им е потребна кога самите произведуваат генетски модифицирани семиња?

Една од одликите на генетски модифицираните хибридните семиња е дека во нив е вграден самоуништувачки ген. Семето земено од растенијата изникнати од вакви сорти не може да се размножува или во втората жетва дава многу послаб род за разлика од природните семиња кои даваат род со ист квалитет. Поради ова, фармерите мора секоја година да купуваат семе и вештачки ѓубрива и пестициди за да имаат добар род, а тоа ги прави зависни од монополските агроиндустриски и петро-хемиски компании. Развојот на агробизнизот ги уништува малите фармери кои немаат доволно пари за секоја година да купуваат семе, ѓубрива и да градат системи за наводнување. Една лоша жетва и тие пропаѓаат изедени од големите земјопоседници бидејќи не можат да ги исплатат кредитите.

Живееме во парадоксално време, агроиндустријата создава високородни семиња кои даваат натпросечни приноси и се произведува с` повеќе храна, но во светот има с` повеќе гладни луѓе. Оттука и катастрофичните прогнози дека поминува времето на евтина храна поради растот на бројот на светската популација, намалувањето и трајното губење на земјоделските земјишта поради ширењето на градовите и изградба на големи индустриски капацитети, како и климатските промени. Познатиот американски политичар Хенри Kисинџер своевремено изјави дека ако ја контролираш нафтата, ја контролираш државата, но ако ја контролираш храната, го контролираш населението.

Сево ова, за нас треба да биде предупредување за да ги задржиме нашите автохтони сорти овошја и зеленчук и жита со чиј квалитет во секое време може да конкурираме на светските пазари, а дома ќе може да си подготвуваме салата со бардовски домат, бучински кромид, струмичка пиперка и мавровско сирење во кои ќе го почувствуваме вкусот на нашето поднебје.

Марјан Блажевски за Дневник

Остави коментар