Спас од глад или заговор против човештвото?


Во недостиг од клиничка студија, македонските научници се поделени – едни велат дека ГМО-храната ќе го спаси светот од глад, но други алармираат дека нејзиното производство може да е заговор против човештвото, изигрување Господ, оти ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на еко-системот, зголемена смртност на идните генерации

Периодот од само петнаесетина години е краток за прецизно да се утврдат последиците од примена на ГМО

gmosoybirthdefects11213Дали храната со генетички модифицирани организми (ГМО) е штетна за здравјето на луѓето и за човештвото? Ова прашање ги подвојува во ставовите и светските и македонските научници. Во недостиг од клиничка студија, за малиот период од 15 години, колку што се користи, сите заклучуваат според своето размислување. Па така, додека едните велат дека таа ќе го спаси светот од глад, други алармираат дека нејзиното производство може да е заговор против човештвото, изигрување Господ, оти ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на еко-системот, зголемена смртност на идните генерации.

Секоја држава одлучува дали ќе дозволи влез и производство на ГМО. И државите се поделени во различните политики. Македонија од октомври дозволува исхрана на животни со ГМО, а од 2008 г. и влез на пет вакви производи, доколку за нив даде одобрение Агенцијата за храна. Во исто време на пазарот влегуваат продукти во чии состојки има ГМО.

Државата да се грижи за своите граѓани

Професорката Лилјана Колева-Гудева, биотехнолог на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, смета дека не треба да се крева паника.
– Кога станува збор за храна добиена со ГМО, таа синтетизира специфични протеини што малку може да му наштетат на човекот, односно да предизвикаат алергиски реакции. Но тоа може да се случи и со храната од органско потекло. Штетата не е голема, но факт е дека треба да се следат ГМО во храната, каде таа се произведува, што се произведува, да не дојде до спарување, хибридизација со природните видови. Целата работа е во тоа што ова што се прави е еден вид економска војна меѓу Европа и Америка – Европа протежира органско производство, но, од друга страна, не можете да ја нахраните Африка само со храна од органско производство. Јас лично сметам дека секој производ мора да е означен. Сѐ што е органско мора да е означено и сѐ што не е на личен избор на потрошувачот да биде дали сака да јаде ваква или таква храна – вели Колева-Гудева.

makedonija gmo111Таа додава дека нема поубаво од храна од органско производство. Многу побезбедни за консумација се тие производи, поради тоа што таму нема токсини и тие не се прскаат со заштитни средства. Но тврдењата дека ГМО-храната предизвикува рак, стерилитет и други болести, за неа се чисти измислици.
– Биотехнологијата е метод што никој не може да го запре, исто како што никој не може да го запре и развојот на информатичките технологии. Важно е дека не може да наштети како што се претставува. Сепак, мора да има акредитирана лабораторија, која сето ова ќе го контролира. Особено цералиите, зрнестата храна. Инаку, и во најконвенционалното имате луѓе алергични, на пример, на праска, на јагода. Тоа е природата, а ние против неа не можеме да одиме. Сметам дека државата треба час поскоро да воспостави систем, да ја маркира оваа храна, бидејќи сите ние сме потрошувачи – додава таа.

Изигрување Господ

Додека едни научници сметаат дека ГМО-храната ќе го спаси светот од глад, други алармираат дека нејзиното производство е заговор против човештвото, изигрување Господ, дека ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на еко-системот, зголемена смртност на идните генерации.

Повеќето се согласуваат дека нема доволно научни сознанија за ефектите од користење на ваквата храна и многу е краток периодот од само петнаесетина години за прецизно да се утврдат последиците од нејзината примена.

Проф. д-р Владимир Какуринов од Факултетот за земјоделски науки и храна вели дека не претпочита да јаде ГМО-храна.
– Лично не претпочитам ГМО сѐ додека не ги знам сите последици или придобивки што ќе се докажат во клиничка студија, која трае 15 години. Сѐ додека не се докаже ќе користам традиционална и природна храна – вели проф. Какуринов.
Тој смета дека државата треба да се погрижи да го заштити здравјето на граѓаните, а за тоа има многу начини.

За разлика од него, проф. д-р Александар Димовски, декан на Фармацевтскиот факултет, вели дека луѓето треба да се свесни оти без таква исхрана нема шанси да преживее човештвото, зашто ќе има недостиг од храна. Тој смета дека нема друга опција, а зад забраните и стравот има бизнис и незнаење.
– Единствено што не знаеме е како ќе влијае на биодиверзитетот, врз други растенија. Но тоа би било проблем ако не се контролира, а има механизми за контрола – вели Димовски.

Професорот додава дека сите ние 50 години јадеме генетички модифицирана храна, а тоа се хибриди.
– Разликата е во тоа што хибридите се мешаат случајно, а кога станува збор за ГМО се избира она што треба. Разликата значи е во методот – вели тој.

Нема човек на Земјата што не јаде ГМО

Огнен Оровчанец, директор на „Агроунија“ и член на Стопанската комора на Македонија, вели дека нема човек во светот што не јаде генетички модифицирана храна.
– Сум бил во многу европски и светски генетички лаборатории, сум имал можност преку специјални микроскопи да ги видам хромозомските синџири, каде се поставени гените и можам да кажам дека до ден-денес со точна прецизност никој нема доказ дека ГМО-храната е штетна. Инаку, сите ние јадеме ГМО. На пример, лецитинот го има во секое чоколадо. Деведесет и девет отсто од целото производство на соја во светот е ГМО. Речиси секое чоколадо, кекси, мусли, овесни снегулки, сето тоа е ГМО. Дури и да се докаже по некое време дека има штета, таа информација ќе се чува во тајност, оти со тие информации располага тој што има монопол врз тие експерименти – вели Оровчанец.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова Антонија Поповска-Христов за Нова Македонија

Остави коментар